Просечната старост на 241 противпожарни возила кои ги поседува С. Македонија е 28 години. Општините и владата, пак, набавуваат нови луксузни возила за свои потреби. Потсетување на истражувачката сторија на А. Манасиев.




Серијата пожари кои летово ја зафатија земјата и кои, како во случајот на Кочани, се закануваа да уништат цели градови, уште еднаш ја извадија на виделина апсурдната политика која се води од владата и во бројни општини во државата каде се набавуваат луксузни возила за високи цени, а противпожарната опрема воопшто ја нема или е остаток од минатиот век.




Александар Манасиев ја истражуваше оваа тема во ноември минатата година и дојде до загрижувачки податоци. Па така, во последните 2,5 години заклучно со летото 2020 година, во земјата биле набавени вкупно 392 возила по средна цена од 17 илјади евра по возило. Или вкупно 8 милиони евра.




Доколку на тоа се додаде и новиот владин тендер за набавка на службени возила во износ од нешто помалку од два милиони евра, се доаѓа до сума од 10 милиони евра за последните, нешто помалку, од три години. Наспроти тоа, во земјата има вкупно 241 противпожарно возило, со просечна старост на возилата од 28 години.




Дури четири општини се на листата на најскапо набавени возила, а на првото место е Општина Струга, која е многу карактеристичен пример во таа насока. Па така, градоначалникот Рамиз Мерко во 2019 година си набавил службено „Ауди А6“ за сума од 66.700 евра, но и две возила „шкода октавија“ и една „шкода рапид“ во време кога општината имала замрзната сметка поради натрупани долгови од 4 милиони евра.




За разлика од Мерко, „најновото“ возило со кое Територијалната противпожарна единица Струга гаси пожари во регионот е од 1993 година и тоа добиено како донација пред 8 години. Четири возила се од донација, од кои две се донирани уште од времето на поранешна Југославија. За разлика од возилата кои се, сепак, функционални, истото не може да се каже и за противпожарните цистерни кои се од 1956 година и не се во употреба.




„Возилата се стари и имаат доста минато зад себе, но се функционални. Најголем проблем е што одиме да гаснеме пожар без цистерни односно без доволно вода, а во градот нема хидрантска мрежа“, ни изјави тогаш пожарникарот Бесим Кадриу.




Ова им предизвикува сериозен проблем на пожарникарите бидејќи подолго време немаат функционална цистерна, нешто што секоја противпожарна служба мора да го има. „Ни се случува при гаснење на пожар во куќа или зграда да не ни стигне доволно вода и треба да се враќаме неколкупати за да полниме губејќи драгоцено време, а со цистерна би имале до 10 тони вода и ќе можеме непречено да работиме и побргу да делуваме“, вели пожарникарот.




Кадриу објаснува дека во сиромашни земји како Северна Македонија, вообичаено се набавуваат користени противпожарни возила од западните земји. На аукција би можеле да се набават за околу 10.000 евра, потполно исправни и опремени.




„Ако некоја побогата општина во Германија или Холандија одлучи да купи нови возила, прво проверуваат дали има интерес во оние „посиромашните“ општини, а дури потоа одат на аукција. Може да се набават за околу 10.000 евра како најниска цена ако потоа се донираат во земји како нашата“, објаснува Бесим Кадриу.

Прочитајте повеќе на Дојче Веле