Дали јас и моите колеги и моите професори, можеме да го објасниме процесот на имунизација во 3-5 минути на човек кој нема основни познавања од медицината?Дали може да ви се објасни процес, којшто се учи три години, во 5 минути?
Ако медицината беше едноставна како што ја замислувате, тогаш немаше да биде човекот толку совршен,објави на својот фејсбук профил прилепскиопт доктор Петар Кузмановски. „Па, еве ден пред моето враќање со работа во модуларната болница добив потреба, после повеќе од година, да напишам нешто јавно… Не дека досега чував некоја државна тајна, едноставно немав потреба јавно да се испразнам.
Ама после 2 месеци работење превентива од COVID-19, односно работа во регионалниот вакцинален пункт, па и теренска вакцинација во околните села, некако поинаку го доживувам враќањето во модуларната болница… Кај средно-тешките пациенти, позитивни на COVID-19.
Дали знаете дека на медицински факултет, во трета година, најтешкиот предмет се вика Имунологија? За тие што не знаат, тоа е предмет којшто го изучува имуниот систем на човекот со сите свои анатомски и физиолошки карактеристики.
Дали знаете дека мои колеги запишувале квадрат, на тој квадрат уште еден квадрат, а некои се откажале од медицината и продолжиле да студираат друг факултет. Тоа е затоа што предметот е услов за да започнеш со клинички предмети и затоа што предметот е страшно обемен.
Е сега… Дали јас и моите колеги и моите професори, можеме да го објасниме процесот на имунизација во 3-5 минути на човек кој нема основни познавања од медицината?
Дали може да ви се објасни процес, којшто се учи три години, во 5 минути?
Дали може јас да ви објаснам создавање на антитело кога вие не знаете ни што е тоа?
Некни купував LED плафонерки и касиерката ми објаснуваше како се поставува истата.
“Нема потреба да ми објаснувате, мајсторот што ќе ги мести знае.” и одговорив. И додека ги местевме со мајсторот, тој ми даде инструкции да ја исклучам струјата, па ми кажуваше каде се спојувале фаза со нула…. И вака јас бледо го гледав со сите тие собрани информации без ништо да ми значат, ама на крајот на работата, истата светеше.
Задоволен од сработеното, еве уште си живеам без да знам што е фаза, што е нула и зошто ја гаснев струјата дури работеше. Претпоставувам за да не го удри струја, ама верувај, еве сум уште среќен и весел без да знам шо точно тој сработи. И така низ муабет ме праша како е на работа, а јас му реков искрено не сакам да разговарам.
Не дека сум безобразен, туку ми беше страв дека ќе сака да му објаснам како делува вакцината, а тој нема познавања од медицината и немам доволно време во тие 10тина минути да му објаснам, како што тој нема доволно време во истите 10тина минути да ми објасни струјно коло. Затоа си правевме муабет на други теми.
Ако медицината беше едноставна како што ја замислувате, тогаш немаше да биде човекот толку совршен. Проблемот е што ние како луѓе секогаш сакаме да си ги објасниме нештата околу нас, но одговорот е таков, колку што нашиот интелект дозволува.
Пред 1000 години луѓето верувале во леприкони, затоа што не знаеле да го објаснат виножитото како оптички феномен. Ама имале доволно познавање дека златото сјае, па џуџево го има отворено ќупчето со злато затоа вака свети на небото.
Глупав човек е тешко да го контролираш, затоа што е глупав, не можеш да се потпреш на него за да ги изврши инструкциите како што треба нели?
Паметен човек исто така не можеш да го контролираш, затоа што ќе ти ги открие намерите. Ама затоа човек којшто има интелектуален капацитет, но поради околностите на животот, не го искористил максимално, па сега има читнато, ама нема дочитано…
Него ќе го контролираш… Затоа што ќе му ги потполниш недостатоците во неговото познавање со тоа што ти сакаш да манипулираш. И така… теории на заговор.Утре ќе се вратам во модуларната болница и ќе продолжам да ја работам работата што ја сакам, на која што сум посветил 10+ години, заснована на наука.Вие бидете ми добри, здрави, дај боже да не се разболите, па да не треба да се видиме пред инфективна амбуланта.
До тогаш, ве оставaм со мислата на мојот омилен човек Neil DeGrasse Tyson: “На науката не и гајле за твојот став и мислење, науката се заснова на факти и закони”.И вакцинирај се, не биди ко тие третите… Што читале ама не дочитале.Чипот за следење не ти е во рамото, туку го носиш во џебот, а можи и ова го читаш со него, напиша тој во својата објава.