Македонија е единствената земја во светот каде првиот човек во здравството среде пандемија тера кампања за локални избори, смета матичниот лекар д-р Ненад Лазаров.
На Македонија лошо и се пишува ако надлежните и натаму се однесуваат како да не сме среде пандемија. „Ако не можат да си дозволат пациентите приватно да платат анализи значи секако се соочуваат со минимум 24 до 48 часа челање, што во оваа криза и после година ипол е недозволиво.
Втор проблем е тестирањето конкретно, не постојат термини, односно постојат но многу мал број, смешен број на термини за она што е реална потреба на терен. И второ, од оваа ситуација ќе апелирам и ќе поздравам дека не постои друг пример на светот каде што министерот актуелен за здравство е шеф на изборен штаб на владејачката партија во моментот.
Како? Јас мислам дека е физички невозможно да се менаџира здравство и да се менаџира изборна кампања во исто време, рече д-р Лазаров. Најголема грешка на надлежните, вели Лазаров е тоа што целосно вакцинирани се ослободени од секакви рестрикции, дури и ако домаќинството го делат со позитивни лица.
Да споменеме една небулоза која прави многу штета во моментот а тоа е дека вакцинирани не се изолираат доколку во семејството има позитивен случај. Тоа е нон сенс. Бидејќи видовме дека голема е веројатноста дека иако си вакциниран можеш да се инфицираш.
Имам во ситуацијава, неколку семејства моментално со по двајца позитивни, а останатите двајца кои се вакцинирани дури не ги ни тестираме, немаме право ни на тест да ги пратиме, не па да подлежат на изолација. Тие апсолутно одат и на работа, додава Лазаров.