Имунолог зборува за сериозноста на ковид-19 и крајот на пандемијата: „Секој 10-ти пациент ќе има хроничен ковид со сериозни последици кои ќе траат со месеци“

Еден од истакнатите имунолози за време на пандемијата на коронавирусот е словенскиот доктор Андреј Трампуж, директор на Одделението за инфектологија и септичка хирургија во болницата „Charité“ во Берлин. Тој неодамна предупреди дека ковид-19 остава сериозни последици кај дури 10 отсто од заболените.

„10 отсто од сите заболени од коронавирусот во светот имаат потреба од механичка вентилација (респиратор) или пак од кислород. Исто така, 10 отсто од сите заболени од ковид-19 по прележување на болеста ќе имаат т.н. „long covid“, односно хроничен ковид – ќе се соочат со сериозни последици кои што можат да потраат со денови и месеци“, објаснува докторот Трампуж за „Слободна Далмација“.

Ваквите податоци укажуваат на тоа дека над 26 милиони луѓе ширум светот ќе имаат потреба за интензивно лечење во текот на болеста или пак за интензивно закрепнување по истата во некоја од специјализираните здравствени установи.

„Хроничниот ковид кај многумина се јавува по прележување на болеста, а носи главоболка, болки во мускулите, зглобовите, невролошки проблеми. Има многу луѓе кај кои што тие проблеми не можат да се вратат во нормала. Ние во Германија имаме многу клиники за рехабилитација кои што работат со таквите пациенти и нивното закрепнување може да трае со месеци“, истакнува Словенецот.


Трампуж истакнал и дека иднината на пандемијата и нејзиниот крај зависи од мутираните соеви на вирусот, но и од вакцинацијата:

„Навистина е тешко во овој момент да се каже кога ковид-19 ќе престане да постои и дали тој ќе биде пандемичен или ендемичен, како вирус кој ќе се појавува секоја година одново. Тоа многу зависи од вакцинацијата и мутациите на самиот вирус кои што веќе сега ги има во голем број.

Неодамна во Индија се појави комбиниран ковид кој е составен од британскиот и бразилскиот сој. Сè уште во голема мера не се проширил во светот. Во Германија сега преовладува британскиот сој кој што е регистриран кај 90 отсто од заболените, а за кој на почеток мислевме дека само побрзо се шири, меѓутоа сега знаеме дека тој на заболените им дава потешка клиничка слика.

Засега сите вакцини се добри и одговараат на сите мутации на вирусот, а дали во иднина ќе се појави некој мутант на кој сегашните вакцини нема да можат ништо да му направат, тоа никој не може да го знае.

Поради тоа е потребно што побрзо да вакцинираме поголем број од луѓето, за да го ограничиме создавањето на новите мутации. Мислам дека на крајот од ова лето ќе може да ја запреме пандемијата, односно дека ќе може да ја контролираме, секако, доколку вакцината биде доволна“, заклучил д-р Трампуж.

- Advertisement -

АКТУЕЛНО

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

error: Содржината е заклучена!