Ново истражување: Кај луѓето кои имале лесни симптоми на Ковид-19 антителата не исчезнуваат

Неколку месеци откако ќе закрепнат од благата инфекција на Ковид-19, луѓето сè уште имаат имуни клетки кои произведуваат антитела против коронавирусот, според студијата која била спроведена на Медицинскиот факултет во Вашингтон.

Истражувачите откриле дека таквите клетки можат да опстанат во резерва долго време, произведувајќи антитела постојано, се наведува во студијата објавена во понеделникот во магазинот „Nature“. Сугерирано било и дека поблагите случаи на коронавирусот ги оставаат пациентите со трајна заштита и дека повторна инфекција од вирусот би била невообичаена.

„Минатата есен имаше извештаи дека антителата брзо се намалуваат по инфекција со вирусот кој го предизвикува Ковид-19, а водечките медиуми тоа го протолкуваа така што имунитетот не е присутен долго кај човекот.

Но, тоа е погрешно толкување на податоците. Нормално е нивото на антителата да опадне по акутна инфекција, но не и на нула, туку истото се одржува на одредено ниво“, истакнува еден од авторите на студијата Али Елебеди, вонреден професор на Медицинскиот факултет во Вашингтон.

Истражувачите кај испитаниците пронашле клетки кои произведуваат антитела и по 11 месеци од првите симптоми. Тие веруваат дека клетките ќе живеат и ќе создаваат антитела до крајот на животот на човекот, а тоа е моќен доказ за долготраен имунитет, како што тврдат тие, пренесува српски „Блиц“.

Во текот на вирусната инфекција, имуните клетки кои произведуваат антитела брзо се зголемуваат и циркулираат во крвта правејќи ниво на антитела кое е многу високо. Меѓутоа, еднаш кога инфекцијата ќе престане, поголемиот дел од таквите клетки умираат, а нивото на антитела опаѓа.

Сепак, мал дел од тие клетки кои се наречени долговечни плазма клетки, мигрираат во коскената срж и таму се населуваат. Во коскената срж овие клетки непрекинато лачат ниско ниво на антитела во крвотокот за да се заштитат од нова средба со вирусот.

„15 од 19 примероци на коскена срж кај луѓето кои прележале Ковид-19 содржеа клетки кои произведуваат антитела. Таквите клетки и натаму можеа да се пронајдат четири месеци подоцна кај луѓето кои се вратија да дадат и втор примерок од коскената срж“, изјавиле истражувачите.

„Таквите клетки не се делат. Тие мируваат во коскената срж и лачат антитела. Тоа го прават од крајот на инфекцијата и тоа ќе го прават до недоглед. Сè уште не е јасно дали би имале исти резултати од истражувањето кај пациенти кои прележале умерен до тежок облик на Ковид-19“, тврди д-р Елебеди.

- Advertisement -

АКТУЕЛНО

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

error: Содржината е заклучена!