Даниловски: Претпоставка е дека меѓу 600.000 и 860.000 граѓани во Македонија веќе имале контакт со ковид- 19

Пристигнувањето на првата вакцина против Ковид 19 ќе претставува пресвртница во пандемијата, но експертите велат дека секојдневниот живот, дури и за оние кои ја примиле вакцината, нема да се промени наскоро, пишува slobodenpecat.mk.

За безбедноста на луѓето околу нас, важно е да продолжиме да носиме маски, да ги миеме рацете и да се дистанцираме физички откако ќе ја примиме вакцината.

Уште колку време по доаѓањето на вакцината во Македонија ќе мораме да носиме маски, да одржуваме социјална дистанца, да не се групираме и да живееме со рестриктивни мерки и од што ќе зависи временскиот период за нормализација, го прашавме професор Драган Даниловски од Медицинскиот факултет, кој исто така е и поранешен министер за здравство.

Тој за „Слободен печат“ тврди дека во Македонија се проценува дека контакт со вирусот имале веќе 7 до 10 пати повеќе граѓани од официјално регистрираниот број.

– Ако на 10 јануари сме имале вкупно околу 85.500 случаи, тогаш едноставната пресметка покажува дека реалниот број се движи меѓу 600 илјади и 860 илјади луѓе. Реалната големина на популацијата во Македонија, според податоците на Управата за електронско здравство при Министерството за здравство е 1.6 милиони.

Произлегува дека во моментов процентот на колективниот имунитет е од 37.5 до 54 проценти. За да сопре епидемиското ширење до ниво на спорадично јавување, потребно е да се достигне таканаречениот праг на колективниот имунитет од 60 проценти или еден милион луѓе.

Ако не се случи некое поголемо покачување на бројките во текот на овој месец заради празниците што поминаа и што претстојат, при сегашната динамика, прагот би требало да се достигне за 60 до 100 дена. Без вакцина.

Само заради контакт со вирусот. И со сите тажни последици, имајќи предвид дека леталитетот е близу три проценти. Оттаму, вакцината е потребна за да се спречат тешките последици од заразување со вирусот. Особено за изложените и ризичните групи, здравствените работници, хронично болните и постарите од 65 години, ни изјави професор доктор Даниловски.

Прочитајте и…  Папата им дозволи на жените поголема улога во црковната служба

Според него, неспорен факт е дека и најлошата вакцина има неспоредливо помали ризици за штета по здравјето, отколку заразувањето со вирусот!

-Вакцините на Фајзер и Бионтек или Модерна, не се живи вакцини, така што нема ризик тие да предизвикаат Ковид 19. Тие нема да ја променат ниту нашата ДНК, едноставно затоа што внесената таканаречена гласничка РНК, воопшто не влегува во нашето јадро, во кое се наоѓа нашата ДНК! Само остава информација во цитоплазмата за непријателот. За во неа да се создаде одбрана против него. И се распаѓа после ден или два.

Но, она што може да се очекува, се вообичаените несакани ефекти, како болка на местото на инјектирање, треска и болки во телото. Треба на луѓето да им се дадат точни информации, за да можат да бидат свесни што да очекуваат.

Од искуството со вакцините во САД, веројатноста за настанување на анафилакса односно тешка алергиска реакција е 11 случаи на милион, што е занемарлив ризик! Од друга страна, за потсетување, од 100 заразени со ковид 19 кај нас, без оглед на тежината на клиничката слика, тројца умираат!

Според мене, секој што ја прележал болеста нема потреба да се вакцинира, ако има позитивни антитела ИгГ. Дури и тогаш кога тие ќе исчезнат, кај нив останува веројатно повеќегодишна делумна заштита од заболување со потешки симптоми, врз основа на клеточниот имунитет.

Ако тогаш се даде вакцина, таа може да послужи како поттикнувач на имунитетот преку повторно стимулирање на формирање на антитела, таканаречен хуморален имунитет.

Според најновите сознанија, се проценува дека вакцините ќе обезбедуваат заштита веројатно дури и две години, посочува Даниловски.

Целото интервју прочитајте го на овој ЛИНК

- Advertisement -

АКТУЕЛНО

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

error: Содржината е заклучена!