Неодамна, д-р Злата Поповиќ Чкоњовиќ од Бања Лука објавила фотографии на својот Инстаграм профил за на жените преку еден сликовит и реален пример да им објасни што ѝ прават сончевите зраци на нашата кожа.
Оваа специјалистка по пластична, реконструктивна и естетска хирургија споделила фотографии од својата 96-годишна баба на кои јасно се гледа разликата во квалитетот на кожата која со години била изложена на сонце и кожата која не била.
„Кога за првпат ги објавив фотографиите од мојата баба која има 96 години и која цел живот била изложена на силно сонце и ветер и живее на надморска височина од 1300 метри, реакциите беа неверојатни. Мило ми е што таа влијаеше на вас да размислите за сончањето.
Таа уште од рано детство носи марама и никогаш не ги изложувала на сонце деловите кои ги прекрива марамата, како ни деколтето. Обрнете внимание на длабочината на брчките кои постојано биле изложени на сончеви зраци“, вели докторката.
„УВ зрачењето има свои корисни страни, но има многу повеќе маани. Како докторка вработена на Клиниката за пластична хирургија, секојдневно се среќавам со голем број новооткриени меланоми, особено кај младите луѓе и должна сум да ви го напишам ова“.
„Претераното изложување на сонце има многу штетни последици, а две се најзначајни: фотокарциногенеза (настанување на малигни кожни тумори) која предизвикува директни ДНК оштетувања и забрзано стареење на кожата.
Секако, сончевото зрачење е потребно за производство на витамин Д и се користи како терапија за многу болести. Знам и дека кожата изгледа поубаво кога е потемнета. Но, не заборавајте, кремите со заштитен фактор се задолжителни.
Внимавајте тие да штитат од сите УВ зраци. Исто така, очилата со УВ заштита и шеширите се задолжителни. Не се изложувајте на сонце во периодот од 10 до 17 часот, а ако веќе морате, тогаш користете максимална заштита!
Се надевам дека ова ќе ви биде од корист, чувајте го своето здравје и чувајте ја вашата кожа“, заклучила докторката.