Водителката Николина Пишек зборуваше за драмата што ја поминала со ќерката Уна претходниот викенд кога доживеале труење со јаглерод моноксид.
Николина и нејзината ќерка Уна беа пронајдени во несвест во стан во Загреб ноќта помеѓу саботата и неделата, откако беа затруени со јаглерод моноксид.
Труењето се случило кога пукнала цевка поради градежни работи во зградата, а водителката сега раскажа како се чувствуваат таа и Уна во моментот.
– Имав тахикардија, ми беше мачно и чувствував силна главоболка. Легнавме околу 2 и на Уна ѝ се слоши. Му се јавив на сопругот Видое, кој беше во Белград. Подоцна ми рече дека сум била чудно смирена.
За среќа се посомнева дека нешто не е во ред. Ме убедуваше веднаш да одиме на лекар, но јас му реков дека ќе одиме изутрина. Кога подоцна ни се јавувал, веќе не можел да нѐ добие – раскажа Николина за Јутарњи лист.
Еден од пријателите на Видое, кого тој го замолил да ги провери жена му и ќерка му, околу 2.30 минути дошол до станот, а Николина со последните сили му го отворила прозорецот, додека нејзините кутриња лаеле.
– Да не реагираше така, сега немаше да разговарам со вас, бидејќи за нас немаше да има спас додека дојдеше тој – вели Николина, која му е благодарна на сопругот поради грижата.
Пријателот на Видое веднаш повикал полиција, која морала да провали во станот, каде што ги пронашле Николина и Уна во бесознание.
Дошле и пожарникарите, кои утврдиле дека количината на гас во станот во тоа време е седумпати поголема од дозволеното. Николина и Уна веднаш биле пренесени во болница.
За жал можни се последиците од вакво тешко труење, а Николина вели дека на белите дробови и на ЕКГ-то се гледаат оштетувања. Уна треба да оди на понатамошна невролошка обработка, пренесува Јутарњи лист.
Причините поради кои настанало протекување на гасот сѐ уште не се познати.
– Претпоставувам дека проблемот настанал поради санацијата која се прави во зградата по земјотресот.
Не би обвинила никого дека е виновен за она што се случи, само сакам да откријам што се случи, бидејќи станува збор за два човечки животи кои беа загрозени – вели Николина.
Николина и нејзиното семејство се сместени во хотел, бидејќи веќе не се осмелуваат да влезат во станот.
– Се сомневам дека некогаш повторно ќе се вратам таму. Премногу лоши работи се случија таму во последно време – рече Николина.