Поправките за штетата предизвикана во средата, 6 јануари, во зградата на американскиот Конгрес ќе треба да ја плаќаат даночните обврзници затоа што објектот не бил осигуран.
Ова го потврди извор познат на Ројтерс. Сè уште не е познато колку ќе чини чистењето и санирањето на штетата предизвикана по насилното влегување на приврзаниците на американскиот претседател Доналд Трамп во Конгресот.
Искршено е стаклото, инвентарот е оштетен, на sидовите има исцртано графити. Федералните агенции на САД се генерално неосигурени и веројатно дел од трошоците за реновирање ќе ги сноси АОЦ што управува со оваа зграда.
„Даночните обврзници ќе бидат на удар поради поправки во Конгресот“, рече претседателот на организацијата на даночните обврзници, Стивен Елис.
Насилното влегување на приврзаниците на Трамп се случи во време кога законодавниот дом на Соединетите држави требаше да го потврди Џозеф Бајден за нов шеф на државата.
Во немирите загинаа пет лица, меѓу кои и еден полицаец.
Ова е првпат од 1814 година да се случи вакво нешто. Британците упаднаа во зградата во 1814 година и ја запалија, потсетува списанието „Бизнис инсајдер“.