Еден корисник на “Quora” го поставил прашањето “Дали некогаш сте имале работа на која не сте правеле ништо и никој не ве открил?”, а помеѓу бројните одговори еден особено се истакнал.
“Едно време работев во компанија за челик и имаше еден лик кој постојано држеше лист и пенкало во рацете, одеше низ складиштето и ги проверуваше етикетите, кутиите, палетите и пакетите за опрема. Се викаше Боб и секој го сакаше.
Беше човечен, сакаше да зборува за спортот, едноставно беше добар лик кој одлично се сложуваше со останатите работници, менаџери, шефови… Боб во компанијата работеше 15 години. Тоа беше огромна компанија за челик со неколку илјади работници.
На еден состанок, менаџерите донесоа одлука да испратат еден работник на проверка на финалните завртки, навртки и друго. Размислуваа за тоа кој би бил идеален за таа работа, а еден од нив го предложил Боб.
Сите знаеле на кого тој мисли и веднаш се сложиле со неговиот предлог. Следното прашање кое менаџерот го поставил било: “Ок, само кажете ми за кого точно работи Боб?”. Сите се гледале еден во друг, а никој не кажал ниту збор.
“Ајде, мора да постои некој кој му дава работни задачи и останати упатства”, додал менаџерот, но повторно никој не се јавувал. Да ја скратам приказната, Боб над 15 години “работеше” во компанијата и уредно примаше плата. Во првите 5 години работеше во оддел кој подоцна се затвори, а вработените ги преместија по други оддели. Сите, освен Боб – него некако го заборавиле.
Тој едноставно почнал да лута низ компанијата без надзор, а никој не го фатил. Чекал за да провери дали тој месец ќе добие плата, а откако ја добил, едноставно продолжил со својата “работа”.
Приказната заврши кај главниот шеф на компанијата кој добро се изнасмеа на целата ситуација. Боб зема одлична отпремнина, сепак работеше 15 години во неговата фирма. Сфатија дека она што се случило не била негова вина. Сега имам 75 години, а ова со Боб се случи уште додека бев млад работник. Секогаш со задоволство се присетувам на оваа приказна.
Боб, фала ти за овој смешен спомен”, пишува во одговорот на корисникот Шејн Вајат.





