На семејниот имот на Јефтовиќ во селото Теочин во близина на Горни Милановац живеат двајца млади, но по многу работи посебни луѓе. Милена (16) и Милан (14) останале без татко кој го покосила опасната болест, а грижата за нив сега ја води баба Љубинка која колку што можела, ги заменила нивните родители.
Оваа жена ги изгубила двајцата синови, еден додека на Косово ја бранел Србија, и вториот од опасната болест, но сепак во неа останале сили да се избори за своите внучиња. “Два погреби, две големи загуби. Мајка кога ќе ги погреба своите синови, за неа повеќе нема живот. Сепак, поради Милена и Милан морам уште да се борам за да ги изведам на прав пат”, раскажува баба Љубинка.
Комшиите за овие две деца имаат само пофални зборови, а како и не би, кога работат и се однесуваат како возрасни. Од таткото наследиле пет хектари земја, која ја гледаат и чуваат како очите во главата, иако не се полнолетни. Милан има 14 години и не сонува за авиони и камиони, туку ни помалку ни повеќе – за вадилка за компир.
“Сите работи на имотот ги научив и ништо не ми е тешко. Засадени се компири и пченка и она што е најважно е со добар квалитет. Ќе продолжам таму каде што мојот татко застана и онака како што тој ме учеше”, вели ова вредно момче.
Неговата две години постара сестра е задолжена за домаќинството, но оваа година поголемиот дел од летниот распуст го поминала во берење малини. Таа е одлична ученичка во училиште, но и уште поспособно на нивата и во селските работи. По тоа, може да им застане рамо до рамо на двојно постари девојки.
“Не ми е тешко да одам да работам, само за да им помогнам на моите. Кога би седела дома, тогаш тоа би го правела мојата баба, а таа е стара за по жешкото да работи тешка работа. Преку лето секогаш може да се заработат дополнителни пари, бидејќи има многу овошје да се бере, во зима е многу потешко”, раскажува Милена.
Тие се надеваат дека во нивната куќа, после сите смртни случаеви ќе се врати среќа, бидејќи ова мало семејство го заслужува тоа.