Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 1.161 случај на заразени со ковид-19, со што бројката на активни случаи во државава се искачи на 21.797.
Сепак, според надлежните, болниците располагаат со слободни кревети, а од ресорното Министерство уверуваат дека се во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
Податоците на Министерството за здравство покажуваат дека во болниците низ државата вкупно се лекуваат 1.340 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
Потенцираат дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.
Доктор Дејан Трајковски, пак, сподели дека статистиката покажува дека од вкупниот број на дијагностицирани пред 14 дена умреле 3,50%.
Но, од сите коишто влегле во болниците пред 14 дена (просечното време на болничко лекување) до денес умреле вртоглави 34,8%! Поточно, од сите дијагностицирани 9,3% стигнале до болница, а од тие коишто влегле во болница 34,8% (секој трет) починале.
Во меѓувреме нашите здравствени власти ги прошируваат болничките капацитети (каде што ќе умира секој трет), наместо да го сопрат разболувањето, страдањето и умирањето. Ама ете, процениле дека лекувањето и умирањето биле поевтината варијанта.
А народ како народ, им верува, па дури и се радува што не мора да се лишува од довчерашните хедонистички навики и мисли дека умирањето им се случува само на некои други, коментира тој.
Од почетокот на епидемијата, вкупно има 72.044 дијагностицирани лица со ковид. Досега оздравеле 48.170 пациенти, а вкупната бројка на починати е 2.077.
На страна ковид-19, пак, хронично болните и останатите пациенти се жалат што и по 10 месеци властите сè уште не се снашле како паралелно да се одговори и на нивните здравствени потреби.
Извор: Skopjeinfo.mk