Руската вакцина „Спутник V“ ќе пристигне во вашата земја откако македонските власти ќе ни испратат официјално барање за набавка на вакцината против ковид-19, велат за Плусинфо од Амбасадата на Русија во Македонија.




Оттаму велат дека во повеќе наврати разговарале со министерот Венко Филипче и здравствените власти на оваа тема. Филипче рече дека Македонија се одлуичила за вакцината на Фајзер, бидејќи руската вакцина се наоѓала во третата фаза на клиничкото испитување во моментот кога пристигнала понудата за набавка.
Од Министерството за здравство, пак, велат дека преговорите за набавка на руската вакцина се одложени сè додека вакцината не ги добие сите потребни сертификати за завршени клинички испитувања, кои всушност се и доказ за тоа дека е безбедна за употреба кај пациенти.
Рускиот фонд за директни инвестиции испратил писмо до Националниот комитет за имунизација при Министерството за здравство во Македонија, нудејќи можност за одржување видео-конференција, како и презентирање на резултатите од третата фаза од испитувањата на вакцината „Спутник V“, велат од Руската амбасада.
– На 15 февруари оваа година, Рускиот фонд за директни инвестиции уште еднаш испрати писмо до професорката Александра Грозданова, шефица на Националниот комитет за имунизација при Министерството за здравство, во кое информира за можност да се одржи видео конференција, како и за резултатите од третата фаза на клинички испитувања на вакцината „Спутник V“.




Резултатите беа објавени во еминентното списание „The Lancet“ на 2 февруари, и потврдена е 91,6 отсто ефикасност на вакцината и 100 отсто против компликации на болеста. Засега не добивме никаков одговор на тоа писмо – велат од Руската амбасада.
Фото: Илустрација