Денешниот голем празник е посветен на брачните парови. Нашата православна црква и нејзините верници денес го слават големиот црковен празник Свети 40 Севастиски маченици, меѓу народот познат како младенци.
Со векови кај нас постои обичај денешниот празник посебно да го одбележуваат брачните парови кои се венчале по 22 март претходната година. Во календарот на православната црква денешниот ден се нарекува Ден на четириесетте свети севастиски маченици, кои пострадале за верата Христова во 320 година.
Од друга страна, народен обичај е денес во својот дом младите парови да примаат гости кои им носат подароци и на тој начин помагаат на почетокот на бракот и заедничкиот живот. Обичајот налага жените да стануваат рано наутро и да замесат 40 колачиња, кои се нарекуваат младенци, а кои се премачкани со мед.
Младенците симболизираат среќен, долг и сладок живот, а се подаруваат на децата и гостите кои доаѓаат во куќата пред пладне. Младенците се посветуваат на младите брачни парови и поради венците со кои мачениците се венчаат со љубовта Христова.
Така, на црковните венчавки се ставаат венци на главите на младенците кои имаат тројна симболика: кралски венци – секој човек е цар во своето мало царство во својата куќа, маченички венци, бидејќи во бракот треба да се жртвува и венци на бесмртна слава.
На овој начин се посочува дека младите сопружници треба да бидат верни еден на друг, како што и мачениците му биле верни на Христа. На младенците, домаќинките ги пречекуваат гостите во нивната куќа и ги покажуваат своите вештини и умешност.
Без разлика дали денес ќе одите кај младенците дома или во ресторан, не одете со празни раце.