Анкета: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со историски најниска поддршка, скок во рејтингот има кај Левица

Средната оценка на Владата за првите 100 дена е 2,46, покажа истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Телевизија Телма.

Повеќе од половина од испитаниците (54,7%) ја оцениле работата на Владата со ниски оценки (1 и 2), додека пак, една четвртина од нив (25,2%) ја оцениле со високи оценки (4 и 5).

Етничките Македонци се понезадоволни од работата на оваа Влада (60,5% од нив ја оцениле со ниски оценки) споредбено со етничките Албанци (27,3% ја оцениле со ниски оценки).

Регионално гледано, најголемо незадоволство од работата на Владата може да се забележи во Североисточниот регион, каде 72,8% од испитаниците дале ниски оценки.

Резултатите покажаа дека речиси и да нема разлика во рејтингот на двете најголеми политички партии во државата. На прашањето: „Доколку утре се одржат Парламентарни избори, за која партија би гласале?“, 18,6% од испитаниците рекле за СДСМ, а 18,1% ја избрале ВМРО-ДПМНЕ.

Разликата меѓу најголемите партии е во рамките на статистичка грешка. Ова е историски ниска поддршка на овие две политички партии која од ноември 2016 година, кога поддршката за ВМРО-ДПМНЕ беше 19,4%, не се спуштила под 20%.

Во албанскиот политички блок, во водство е ДУИ (6,7%), по нив се Алијанса за Албанците (4,6%) и БЕСА (2,4%). Најголем скок во рејтингот има кај Левица 6,3%, односно 5,7 процентни поени повеќе од јуни 2020 година.

Граѓаните во Македонија немаат доверба ниту во партиските лидери. Недовербата е мнозинска и кај сите, односно за Зоран Заев таа изнесува 59,4%, за Христијан Мицкоски, 70,0%, за Али Ахмети 80,7), а за Димитар Апасиев (66,0%).

Иако малцинска, најголема доверба граѓаните имаат во Зоран Заев (39,7%), потоа е лидерот на Левица, Димитар Апасиев (29,7%), а веднаш потоа се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски (28,3%) и лидерот на ДУИ, Али Ахмети (15,5%).

Две од прашањата се однесуваа на односите со Бугарија, во светло на евроинтеграциските процеси.

На прашањето: „Колку сте согласни со Анекс на Договорот за добрососедство со Бугарија, за гаранции на немање територијални претензии и за немешање во внатрешни работи, без навлегување во други вклучително и национални и идентитетски прашања?“, најбројни се испитаниците кои рекле дека воопшто не се согласуваат (43,6%), а заедно со оние кои донекаде не се согласуваат чинат мнозинство од граѓаните или 61,9%.

Целосно или донекаде со оваа идеја се согласуваат околу една третина од испитаниците (33,5%). Поддршката за Анекс на Договорот е поголема кај етничките Албанци, 44,2% во однос на етничките Македонци (29,7%).

Прашани да мислење за тоа колку време ќе биде потребно да се надминат проблемите со Бугарија и да продолжи процесот на евроинтеграција на Македонија, речиси една третина од граѓаните (30,7%) одговориле дека тие проблеми нема да се надминат никогаш. Околу една петтина или 21,8% сметаат дека тоа ќе се случи од една до пет години.

Речиси ист е процентот на оние кои рекле дека проблемите ќе бидат надминати брзо (15,0%) и оние кои сметаат дека тоа ќе се случи за помалку од една година (15,2%).

Одговорите на етничките Албанци главно се фокусирани во првите три одговори, односно вкупно 81,4% веруваат дека проблемите ќе бидат надминати брзо, за помалку од една или од една до пет години.

Одговорите пак, на мнозинството етничките Македонци се во последните два одговори, односно 53,8% рекле дека проблемите ќе се решат за повеќе од пет годни или никогаш.

За МЦМС и Телма, анкетата ја спроведе М-проспект. Анкетирањето на граѓаните е направено преку телефонска анкета во периодот од 16 до 24 декември 2020 година.

Анкетата е направена на национално репрезентативен примерок од 1000 испитаници постари од 18 години.

- Advertisement -

АКТУЕЛНО

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

error: Содржината е заклучена!