Гостите на фестивалот учествуваат во разни креативни активности во согласност со темата која се менува секоја година.
Нема платени настапи и уметници, речиси никакви правила и граници во физичкиот простор, а од публиката се очекува само добро расположение и авантуристички дух. Секој посетител на добрите фестивали ќе знае да одговори на ова прашање – кој е тој „град“ кој никнува среде ништо, „живее“ 2 дена, а потоа исчезнува?
За да го добиеме одговорот на ова прашање, треба да се упатиме кон далечната Невада. Во пустината наречена Блек Рок во западен САД, недалеку од границата со Калифорнија, секое лето никнува т.н. Блек Рок Сити. Неговите корени датираат од 1986 година кога двајца пријатели во Сан Франциско направиле дрвена конструкција од човек, висока 2 метри, а потоа ја запалиле.
Ваквата атракција ги привлекла околните минувачи, па согласно на тоа бил означен почетокот на еден голем проект. Само неколку години подоцна, проектот наречен „Burning Man“ се преселил во пустината Невада.
Иако повеќето луѓе го опишуваат како фестивал, организаторите нагласуваат дека тој е повеќе од тоа. Станува збор за спектакл насочен кон заедницата, уметностите, „радикалната самоекспресија“, одговорноста и етиката „остави ги зад себе само твоите траги“ во текот на престојот во природа.
Џиновски инсталации, декорирани велосипеди, телефонски говорници на кои пишува „Разговарај со Бога“, електронска музика и илјадници посетители во инспиративни модни креации се само некои од сцените кои можете да ги видите на овој фестивал.