Заев: Полoвина од моето семејство ја помина короната, двете деца, брат ми, братучедите и внуците беа позитивни

Оваа состојба со короната трае и трае и трае, и мислам дека треба да заврши. Таа создаде и психолошки проблеми кај луѓето. Кога ќе тргнат камионите со вакцините, мислам дека психолошки ќе се растовариме сите. Ќе чекаме да ја примат и Европа, и кај соседите, и кај нас, и да се создаде имунитет“, изјави синоќа премиерот Зоран Заев во интервју за ТВ Телма.

Заев кажа дека според информациите кои стигнале до него, можно е да се создаде колективен имунитет во Македонија.

„Макар што, според мое лично мислење, ако дневно просечно заболуваат по 1.000 лица, има веројатно 10.000 што не знаат за заразата. Затоа веќе се тестира со тестовите за антитетла, IGM и IGG, за да видат колку е тоа отприлика распространето.

Еве, половина од моето семејство ја помина короната. Двете деца ми беа позитивни, брат ми беше позитивен, братучедите, внуците… А другиот дел, од тие што е поминаа, меѓу кои сум и јас, јас не сум бил досега позитивен, половина од нив веќе имаат антитела. Отидоа, платија и проверија“, рече Заев.

Заев зборуваше и за ситуацијата со бугарската блокада поради која кажа дека губат и Бугарија и Македонија, но, како што рече, најмногу губи Европа ако се откаже од ова.

-Има работи за кои не само што не се преговара, туку и не се ни разговара. Јас се надевам дека на нашите пријатели, зборувам за пријатели, заради тоа што бугарскиот народ е пријател на македонскиот народ, а со тоа и нивната Влада, претседателот, па дури и опозицијата треба да знаат дека правото на самоидентитет, правото на определба, правото на свој мајчин јазик е сопствено универзално право загарантирано со меѓународни договори, со универзалните човекови права и се, рече премиерот.

-Блокадата и ветото оставаат горчини. Повторно ќе ни ги разделат народите. Не ни треба тоа. Ако повеќе соработуваме, Западна и Северна Европа уште повеќе ќе не прифаќаат, порача Заев.

Вели дека ја чувствува горчината на граѓаните и оти се смета за должен да ги отвора патеките за да се гради искрено пријателство, кое, како што рече, мора да биде обострано.

Изрази надеж дека ова прашање ќе се реши час поскоро, заради, како што рече, добробит и на македонскиот и на бугарскиот народ, а и заради продолжување на патот на нашата интеграција.

Истакна дека ако сме за членство во ЕУ заради нас, а не да бидеме само членки на Унијата, мора да продолжиме по овој пат.

-Блокадите ќе продолжат и до година ќе продолжат и уште по една година, па ќе влезе Србија, па Србија ќе ни замери нешто, МПЦ ни е уште отворена. Ни треба час поскоро да ги решаваме работите. Секако, не по секоја цена. Затоа што ако сме обезличени, ако сме никој и ништо, ако немаме свој идентитет и јазик, чуму ни е членство, заради тоа што нашата борба е за сите овие европски вредности, меѓу кои и правото на самоопределување, нашата национална посебност, истакна Заев.

Според него, откако започнале решавањата на несогласувањата со соседите, нашиот јазик и идентитет доживуваат афирмација, како никогаш порано.

-Ние мораме да грабиме напред и тоа како Македонци со македонски јазик, и тоа го правиме, ние денес сме Македонци кои зборат македонски јазик и сме членка на НАТО. Ќе бидеме утре Европејци, земјата ќе ни биде членка на ЕУ и ќе бидеме Македонци кои што зборуваат македонски јазик и таа цел ја постигаме, за разлика од сите претходни 27 години кога не сме ја постигнале. Во тоа време кога не сме ги постигнале тие цели, под голем прашалник беа нашиот идентитет и нашиот јазик, отколку сега кога ги исполнуваме целите, нагласи Заев.

Посочи дека денес, како никогаш порано е заштитен македонскиот јазик, македонскиот народ и нашиот македонски идентитет, и тоа се постигна доминантно низ афирмацијата на преговорите со Бугарија и денеска со личната карта која што ја имаме во ООН.

– Кога се зборело толку за Македонци, за македонски јазик и слично? Никогаш, и плус тоа е загарантиран, потенцира Заев, говорејќи дека државата нема друга алтернатива и мора посветено да работи на европскиот пат.

- Advertisement -

АКТУЕЛНО

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

error: Содржината е заклучена!