Според дневната статистика на Министерството за здравство во Ковид Центрите во Скопје има 476 пациенти и 40-тина слободни кревети. Но, како се стигнува до болничко лекување? Матични лекари тврдат дека многу тешко доаѓаат до место за да хоспитализираат критично болен со корона вирус, пишува Сител.
-За вие да го сместите критичниот пациент во болница јас требаше да свртам најмалку 20 телефони, тоа е прво технички неизводливо, во текот на вашата работа кога во чекалната ве чекаат и други пациенти за преглед, а во меѓувреме и други пациенти ве бараат на телефон. Значи матичниот треба да се јави на инфектолог во ГОБ 8-ми септември или на Инфективна и да побара прием за влошениот пациент. Доколку добијат дозвола тој пациент да биде примен, со претходен разговор меѓу докторите и дури тогаш се јавуваме во Брза помош. Ќе кажам и поздрав до сите колеги кои работат на ваква тријажа и тие се соочуваат со многу проблеми. Ваму се вели дека кревети има, а кревети нема, изјави д-р Анкица Станоевска, специјалист по семејна медицина.
Доктор Станоевска вели дека фамилиите на пациентите се приморани да фаќаат врски.
-Вие како матичен лекар не можете да сместите пациент кој што е ризичен и сте го лекувале 20 години и кога еве сега му треба болничко лекување. Навистина се чувствувате страшно. Фамилиите сами интервенираат што не би требало да биде така по врски по пријатели што мислам е недозволиво во вакви услови, смета д-р Станоевска.
Од Министерството за здравство пак тврдат дека за прием и третман на пациентите соодветно нивната состојба имало координација на државно ниво.
-Не може да се случи без координација и без претходна најава да се прати пациент без притоа да биде обезбедено место и тој да седи во кола за Итна Помош и да чека. Кога има огромен наплив на пациенти, нормално е да има и ситуации со гужви, кои не се поради тоа што некој не работи, туку поради тоа што вработените се преработени и некогаш не можат да постигнат. Ова неуморно го работат од месец март и не се запрени, а нема ни да запрат. Апелираме на трпение и разбирање кон здравствените работници, се вели во одговорот од Министерството за здравство.
И додека се сведочи за се потешко доаѓање до болничко место, поранешната “Мала Богородица” со кадар и опрема од приватните болници како и 100 кревети за пациенти на државен трошок и понатаму е празна.