Ново чудо во Турција: „Се подготвувавме за погреб, па и’ го слушнавме гласот“ – спасена жена по 258 часа

Спасувачите успеале да спасат жена на возраст од триесет години во Кахраманмараш, 258 часа по земјотресот, јавува „Си-Ен-Ен Турк“. Како што се наведува, станува збор за Неслихан Килиќ (30).

Непосредно пред да го слушнат нејзиниот глас од урнатините, нејзиниот зет рекол дека почнал да и’ подготвува гробно место. „Им кажавме на спасувачките екипи да ја прекинат операцијата, бидејќи ќе ги распарчат телата. И тогаш го слушнавме нејзиниот глас“, рекол зетот на спасената жена.

Благодарение на работата на тимот, младата жена била извлечена жива од урнатините и однесена во брзата помош. Претходно денес, седумнаесетгодишно девојче беше спасено од урнатините на зграда во турската провинција Кахраманмараш 248 часа по разорниот земјотрес, јавува ТРТ.

Уште едно чудо се случи во Турција, откако дванаесетгодишно дете беше спасено од урнатините на зграда во Антакија, во провинцијата Хатај, 260 часа по разорните земјотреси што во понеделникот минатата недела ги погодија јужните делови на Турција, јавува Анадолија.

Екипите за пребарување и спасување од под урнатините на зграда во населбата Екинци го извлекоа детето Осман Халебија, странски државјанин. Тој беше извлечен жив од урнатините 260 часа или речиси 11 дена по разорните земјотреси.

По спасувачката акција детето со возило на Итна помош било пренесено во болница. Анадолија претходно објави дека во провинцијата Караманмараш била извлечена жена (42), која преживеала 257 часа под урнатините.

Според последните податоци, во разорниот земјотрес во Турција загинале 38.044 луѓе.

Извор: press24.mk

- Advertisement -

АКТУЕЛНО

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

error: Содржината е заклучена!