„На пандемијата не ѝ се ближи крајот со оглед на тоа што мал број од светската популација е вакцинирана против Ковид-19“, изјавил англискиот епидемиолог Лари Брилијант за „CNBC“.
Д-р Лари Брилијант, епидемиолог кој бил дел од тимот на СЗО кој помогнал во искоренувањето на малите сипаници, додал и дека делта сојот на коронавирусот „можеби е најзаразниот вирус“ кој некогаш постоел.
„Добрата вест е тоа што вакцините ги имаме на пазарот и дека истите се ефикасни и против делта сојот. Меѓутоа, проблемот е што само 15 отсто од светската популација е вакцинирана, а повеќе од 100 земји вакцинирале помалку од 5 отсто од жителите“, забележал тој.
„Мислам дека сме поблиску до нов бран на коронавирусот отколку до крајот на пандемијата. Освен доколку не се забрза процесот на вакцинација, а и натаму ќе се развиваат нови соеви. Коронавирусот ќе остане тука и ќе биде нешто како сезонски грип“.
Тој изјавил и дека неговото истражување покажало дека новиот делта сој се шири во облик на буквата В. „Тоа значи дека инфекцијата многу брзо се зголемува, но и брзо опаѓа“, објаснил тој.
„Доколку предвидувањата се покажат како точни, тоа значи дека делта сојот се шири толку брзо што на крајот ќе остане без кандидати за инфекција“.
Очигледно дека постои сличен образец на однесување на вирусот во Велика Британија и Индија каде ширењето на делта сојот се намалило многу брзо. Тој предупредил дека делта сојот не е последната мутација на овој вирус:
„Многу е тешко да се предвиди како ќе се развива овој вирус, но мора да бидеме внимателни и да ги преземеме мерките, а вакцинацијата изгледа како единствено решение. Најризични се оние над 65 години, па советувам да бидат дополнително внимателни.
Додека не стекнеме колективен имунитет со вакцинацијата нема да може целосно да се опуштиме“, заклучил тој.