Писмо кое е доказ за ново чудо во Бигорски

Деновиве на манастирска електронска пошта стаса уште едно сведоштво за чудо, поскоро за една серија чуда сотворени од нашиот најмил небесен застапник, Свети Јован Претеча и Крстител. Ви го пренесуваме писмото во целост:

Здраво.
Сакам со моево писмо да посведочам за тоа што ми се случи мене и на моето семејство при посетите на Бигорскиот манастир. Во декември месец 2021 година бевме на викенд во Маврово со сопругот и 9-годишниот син. Јас поминував во депресија заради скората биохемиска бременост и многуте хормони кои ги примав заради борбата за второ дете во последните 5 години.

Но тоа не беше единствениот проблем со кој се соочувавме. Нашиот син беше проблематичен на многу полиња, имавме дома некој немир и постојано си пререкувавме за сè, јас имав неколку спонтани абортуси, постојано бев под терапија на хормони и бев депресивна.

Многу се молев и верував дека работите ќе се решат и дека Бог ќе ме благослови повторно со пород, но немав духовна поткрепа каква што барав, и сама лутав, по цркви, по духовници итн. Се молев на Господ да ми го покаже патот, да дојдам поблиску до Него и да Го запознам поубаво, се молев и за сопругот да му го отвори срцето и умот, за да Го види Бога, за да заедно бидеме во Христа.

После тој викенд во Маврово, сопругот ми предложи да одиме до Бигорски, иако сме биле повеќе пати, но дотогаш посетите биле туристички. Овој пат кога влеговме во манастирот јас таква расплакана наидов на еден од монасите и го замолив да ми помогне, и веднаш тој безусловно ми пружи рака за растење на мојата духовност и молитви за пород. Таа љубов и грижа што ја осетив таму и тој период од целата Бигорска Обител, ја немав осетено никогаш во живот,.

После секоја посета имавме таков мир што не се опишува со зборови, што може само одозгора Отецот да ти го даде. Одевме во Бигорски секој втор викенд, се молевме, најдовме соодветен духовник каков што сакавме. Во тој период со сопругот ниту еднаш не се погледнавме попреку, детето ни се смири, што дури на едно бдение ми рече:

  • Мамо, тоа што ме мачеше и не ми даваше мир сега го нема, убаво ми е, ќе седам цела вечер.

Мојот сопруг за прв пат се исповеда, јас добив благослов за втор пород и…

Најдовме нов стан каков што отсекогаш сме сакале, јас забременив и сопругот доби унапредување и покачување на работа. Животот ни тргна по нагорна линија наеднаш.

Јован (се разбира дека без колебање го доби името) денес има 2 месеци и ни донесе радост дома како што не сме замислувале на овие зрели години. Се роди на Христијански празник иако царски рез ми беше закажан по 2 дена. Секој ден му благодариме на Бога, на Неговиот Крстител, Свети Јован, на Мајката Божја и сите светии за овој дар. Знам дека дојде кога требаше да дојде, во право време. Знам дека патот и искушението беа со причина.

Преблагодарна сум му на игуменот на Бигорскиот манастир, владиката Партениј, за неговата добрина, љубов, благослов и молитви, на монахот кој нè пресретна и ни помогна да заживееме по благословениот пат, како и на сите браќа во Христа од овој свет манастир, што искрено ги сакам како родени браќа.

Чекаме Јован да порасне малку за да нашите посети зачестат како претходно. Бог е милостив!

Н. С.

(Писмо добиено на манастирската електронска адреса [email protected] на 31 јануари 2023 година)

- Advertisement -

АКТУЕЛНО

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

error: Содржината е заклучена!